Потрошувачката на антидепресиви во Европа е двојно зголемена во последните две децении, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Драматично зголемување на анксиозноста и депресијата е забележано и за време на пандемијата на коронавирус. Податоците на ОЕЦД покажуваат потрошувачка на дефинирани дневни дози на антидепресиви кои се користат во третманот на ендогени и егзогени депресии.
Просечната потрошувачка на антидепресиви во 18 европски земји беше 30,5 дефинирани дневни дози на 1.000 луѓе дневно во 2000 година, а се зголеми на 75,3 во 2020 година.
Исланд, кој беше втора најсреќна земја во светот во 2020 година според Светскиот извештај за среќа,има најголема потрошувачка на антидепресиви во Европа.
Шведска, која се најде на шестото место во „Извештајот за среќа“, има четврта најголема употреба на антидепресиви со 105 дефинирани дневни дози.
Потрошувачката на антидепресиви е намалена само во Данска во претходните 10 години, за четири отсто.
Гледајќи ги промените во текот на претходната деценија, Естонија забележа најголем пораст од 133 отсто, додека потрошувачката се зголеми за само два отсто во Франција.
Во 2020 година, антидепресивите учествуваа со четири отсто од фармацевтската продажба во Португалија, во споредба со 2,7 отсто во Шпанија, 2,2 во Австрија, 1,9 во Турција и 1,4 отсто во Германија.
Во 2019 година, меѓу земјите на ЕУ, Португалија (12,2 отсто) имаше најголем удел на населението со хронична депресија, а потоа следат Шведска (11,7), Германија и Хрватска (и двете по 11,6 отсто).
Процентот на луѓе кои пријавиле хронична депресија е најмал во Романија (1,0 отсто), Бугарија (2,7 отсто) и Малта (3,5 отсто).
Извор: biznisinfo.mk