Министерот за економија Крешник Бектеши ги објави групите на 25 производи кои поевтинуваат со „гарантирана цена“ од утре, односно со објавувањето на одлуката донесена на денешната владина седница во Службен весник.
Станува збор за следните производи кои треба да ги намалат своите цени за 10 отсто во однос на цените кои важеле за нив во маркетите на 1 август.
Станува збор за лепези на леб, пекарски производи, бисквити, наполитанки, пилешко, телешко, јунешко, салама, паштета, кравјо млеко, јогурт, јајца, овошје, зеленчук, сирење, кои според Бектеши на крајот излегуваат 100-тина конкретни продукти.
Министерот ги повика производителите и трговците да се искоординираат, бидејќи пазарните инспектори ќе издаваат казнени налози со „забрана за вршење дејност“, односно продавниците ќе бидат затворани.
„Треба да ги одбележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“, која е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и овие производи количински да ги снабдуваат најмалку за 70 отсто во однос на количините од месец август 2023“, рече Бектеши.