Од утре, за 10 осто поевтинуваат светлото пиво и лагер пиво, газираните и негазираните пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, минералната газирана и негазирана природна вода, најави денеска премеирот Димитар Ковачевски. На прес-конференцијата тој рече дека ќе се намалат цените кои биле важечки на 19 септември 2023 година.
-Со оваа одлука највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените, со исклучок на цените на акциска продажба, кои се применувале на 19 септември 2023 година во трговијата на големо, се намалуваат за 10 проценти. Трговците на мало се должни јасно да ги обележат производите со натписот гарантирана цена, нагласи Ковачевски.
Тој смета дека има доволно време да се направи корекција на цените.
-Кога се работи за зголемување на цените, тие може преку ноќ да се зголемат, така што истото тоа може да биде направено и за намалувањето на цените, рече премиерот.
Трговците на мало се должни да ги сменат цените на овие производи и да ги одбележат со натписот „гарантирана цена“ која ќе важи до 30 ноември.
Во однос на овошјето и зеленчукот денеска е донесена одлука за определување на највисока трговска (профитна) маржа. Во трговијата на големо таа се утврдува во вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во износ од 15 проценти.
– Пред нас следат одлуки за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10 проценти. И ова се одлуки кои ќе бидат донесени во текот на наредните денови, објавени и спроведени во пракса, рече Ковачевски.
Очекува дека со овие мерки ќе се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.
– Тоа веќе се покажа со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10 проценти на платите, како и линеарното зголемување на пензиите согласно со методологијата која беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8 проценти, а за храната да достигнеме до 5 проценти, рече Ковачевски.