Изненадувачки, барем за пошироката јавност, вчера од Комерцијална банка АД Скопје и Стопанска банка АД Битола преку Македонската берза соопштија дека се разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка.
Како што информираа од таму во оваа рана фаза постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации, врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина.
Допрва следи длабинска анализа по усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година.
-Поради тоа, ова Известување не треба да се толкува како официјална намера за присоединување на Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка Скопје, велат од таму.
Како работеше Стопанска банка Битола изминативе две години?
Во првата половина од 2023 година Стопанска банка Битола оствари добивка од 84,54 милиони денари, што претставува подобро остварување споредено со истиот период од мината година за 142,16%, информираа од Банката.
Лани Банката оствари нето-добивка во износ од 29,95 милиони денари, а во 2021 година нето-добивка во износ од 345,10 милиони денари, со што тоа стана една од најуспешните во повеќедецениското работење на Банката, информираа од Банката.
Како работеше Комерцијална банка во изминативе две години?
Во првото полугодие од годинава Комерцијална банка оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.003,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.127,3 милиони денари, што претставува зголемување за 77,7%.
Лани Банката оствари нето добивка во износ од 2.171,7 милиони денари, а во 2021 година Банката оствари добивка пред оданочување во износ од 2.504,6 милиони денари наспроти 2.067,1 милиони денари во 2020 година, што претставува пораст од 21,2%