На прагот на уште една откупна сезона на тутунот, за производителите е пресудно по која цена „ќе натежне вагата“. Тие со откупните претпријатија (во земјава се 10-тина) се во вечна „битка“ за откупните цени, особено сега, во ситуација на инфлација, скапи трошоци на производство и скапа работната рака.
Во вакви моментални состојби се отвора прашањето: Колку е рентабилно македонското производство на тутун кое носи и девизен прилив, којшто според податоците, изнесува 100-тина милиона евра.
Мирослав Димитриевски од Институтот за тутун во Прилеп, единствена научна институција што се занимава со проучување на состојбите во тутунопроизводството, анализи и производство на тутунов семенски материјал за потребите за земјава и за странство, вели дека до лани проиводството на тутун имало континуитет. Во периодот од 2010 до 2022 година годишното производство е околу 25 000 тони тутун, стабилизирано на 22 000 до 23 000 тони годишно.
Според Димитриевски, имаме континуитет во производството на тутун за разлика од соседните земји каде се забалежува намалување и тоа треба да се искористи.
-Намаленото производство во соседните земји како Грција, Бугарија, па и Турција, треба да го искористиме како држава за да го заштитиме производството на ориентален тутун, бидејќи на светскиот пазар имаме доста конкурентни сорти, препознатливи и реномирани чија тутунска суровина е ценета. По типот „Измир“, типот „Прилеп“ е на второ место на светско ниво во пласман како тип на тутун, посочува Димитриевски.
И професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје потврдува дека македонскиот ориентален тип на тутун е баран на светскиот пазар, особено во ситуација кога светското производство стагнира, најмногу на ориенталските типови што се и најпроизведувани кај нас.
-Последниве неколку години се забележува стагнација на производството на суров тутун во светот за околу шест милиони тони, од сите типови. Најголемо учество во светското производство имаат типовите „Вирџинија“, „Берлеј“, некои други типови, па и ориенталските. Од сите овие, најголемо опаѓање има кај ориенталскиот тип тутун и од некогашните 300 000 тони, светското производство е паднато на 120 000 тони. Засега, македонското производство не е доведено во опасност, бидејќи повеќе години имаме некое стандардно производство, со исклучок на оваа година. Тоа засега не претставува опасност, бидејќи има поголемо намалување во другите земји, на пример во Бугарија, Грција, Турција. Сѐ уште има место за нашиот тутун на светскиот пазар, објаснува Арсов.
Целиот текст прочитајте го на линкот: brif.mk