Странските туристи кои ја посетиле Македонија ги вкусиле ајварот, лутеницата, слаткото, но и си купуваат за дома.
Стевче Доневски, градски хроничар од Кратово вели дека туристите ги сакаат и ароматичните билки и зачините. Вели дека Полјак кој бил во ова мало гратче, си купил ајвар за дома, но не застанал тука, туку во сезона си обезбедува стотина тегли.
„Странците велат дека ние имаме нешто што тие немаат. Се чудат дека сме народ кој купува пиперки, ги пече, лупи, прави специјалитет ајвар, лутеница за да има за следните месеци. Тоа кај нив го нема. Едноставно, необично им е тоа што трошиме пари за да направиме производи, да си обезбедиме храна за следните неколку месеци. Нашите специјалитети им се допаѓаат на Полјаци, Чеси, Французи, Шпанци“, вели Доневски.
Тој смета дека пошироката промоција на она што кај нас се произведува било да е мед, ориз, сорти грав, зачини, собирање на билки и чаеви, секако е еден плус кој им се допаѓа на странците. Им се нуди автентично доживување. Кај него многу странски гости имале можност да го видат и начинот на кој се прави толчена сол.
Јустина Млецзак од Полска, туристички водич кој говори и македонски јазик, објаснува дека приказната е најдобар сувенир, а луѓето го купуваат она за што ќе им раскажете приказна. Објаснува дека гостите купуваат производи најчесто од локалните жители, наместо од маркетите. Според неа, странците ги сакаат и македонските макала.
„Тоа си зависи од луѓето и од багажот. Jaс им препорачувам ајвар, буковец, локум од Крушево, најдобар е, вино, некои си купуваат биено сирење. Генерално на луѓето ако им раскажете приказна, купуваат. Имав група со која случајно со една госпоѓа направивме тазе ајвар. Седевме три дена во Охрид и спонтано испадна заедно да правиме ајвар. И во срцето на Варош, накај Плаошник, направивме ајвар“, раскажува Млецзак.
Таа од 2017 година наваму направила многу тури и донела стотици туристи од Полска во Македонија. Сега е фокусирана на помали групи и вели дека на тој начин е подобро да организираат средби со локалци.
Нургиана Осипова од Сибир, Русија, исто така го пробала македонскиот специјалитет ајварот и има само пофални зборови.
„Го пробав и ми се допаѓа. Си купив еден домашен и еден од маркет, но домашниот е повкусен“, вели Осипова.
Инаку, подготовката на ајвар има долга традиција во Македонија и на Балканот.