Во Националната опера и балет во Скопје под мотото „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција“, денеска започна Шестата годишна конференција за е-трговија, која е во своето второ регионално издание и е домаќин на преку 600 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 30 еминентни говорници од земјата и странство.
Конференција ја отвори претседателот Стево Пендаровски, кој во своето обраќање истакна дека благодарение на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација, е-трговијата зема голем замав.
Поздравно обраќање имаше и претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска која во својот говор потенцираше:
– „Оваа година фокусот на конференцијата го ставаме на вештачката интелегенција која ја редефинира е-трговијата и ја носи на следно ниво. Како што нема раст на бизнисите без е-трговија така нема раст на е-трговија без вештачка интелегенција. Вештачката интелегенција отвара нови хоризонти за е-трговијата – од супер-персонализирано шопинг искуство и корисничка поддршка, до смарт логистика, детекција на измами, оптимизација на цени и автоматизација во секоја пора. Вештачката интелегенција е тука и ќе остане во нашите животи, го менува начинот на кој купуваме, продаваме, работиме, живееме. Ги менува работните места и ако правилно ја кориситиме ќе ни ја направи работата подобра, поефикасна и попродуктивна. Тоа е како да имаме супер-паметен нов колега во тимот, што не само што не прави подобри и поефикасни, туку ја прави работата и позабавна. Вештачката интелегенција нема да го замени вработениот, но вработениот кој користи вештачка интелегенција ќе го замени оној кој не користи.“– додава Ангеловска.
– „Сите земји од Западен Балкан се слични кога станува збор за развојот на е-трговијата, имаме многу заеднички карактеристики, некои земји се подобри од другите, но сите се рангирани најниско споредено со европските земји, притоа некои побрзо се движат некои побавно. На пр. според употребата на интернет Македонците со 88% заедно со Црногорците се најдобри од балканските земји. Кога станува збор за онлајн купување Србите се најдобри со 63.5% од интернет корисниците, Македонците 49.5%, а најмалку Црногорците.” – истакна Ангеловска.