Утре (29 ноември) од 13.00 часот и цел ден задутре (30 ноември) сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје ќе бидат затворени за сообраќај булеварот Илинденска и дел од булеварот 8 Септември, соопшти МВР.
Додека се одржува состанокот на ОБСЕ во СРЦ „Борис Трајковски“, за сообраќај ќе бидат затворени Илинденска, и тоа од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до крстосницата со улицата Љубљанска кај „Сити мол“, како и булеварот 8 Септември, од крстосницата со улицата Скупи до крстосницата со булеварот Партизански одреди.
Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје. МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.