Една третина од домаќинставата, односно на 170 илјади домаќинства кои според последните официјални податоци поседуваат броила со далечинско отчитување, од денеска ќе имаат евтина струја.
Но, граѓани кои имаат нови струјомери – некои од пред само три години – поставени од ЕВН, реагираат дека денеска немаа евтина струја.
Така покажува денеска во периодот помеѓу 13 и 15 часот, соодветната ознака над тарифите Т1 (скапа) и Т2 (евтина) на струјомерите.
Засега, од ЕВН Хоум објаснуваат дека оние кои имаат броило до далечинско отчитување на екранот на броилото ќе ја видат ознака Т2, што значи дека тие домаќинства струјата што ќе ја потрошат во периодот од 13 до 15 часот во денот ќе им биде пресметана во евтина тарифа. Другите ќе почекаат да им бидат рачно подесени броилата.
Инаку, останатите 650 илјади домаќинства кои имаат обични односно стари броила ќе чекаат екипите на ЕВН да им ги подесат за да може и тие да користат струја во евтина дневна тарифа, како и да им се пресмета потрошената електрична тарифа во новата евтина и скапа тарифа.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски очекува до крајот на месецот 90 отсто од домаќинствата да имаат сетирани или заменети стари со нови броила.
„Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување ќе имаат евтина тарифа, за другите група по група ќе се сетираат мерилата”, појасни Бислимовски.