Продолжува растот на бројот на работни места и платите во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ). Во ноември во компаниите во ТИРЗ бројот на вработени се искачи на 17.926 што е зголемување за 10 отсто во однос на истиот период лани, односно за 29 отсто повеќе од ноември 2021, и за 31 отсто повеќе споредено истиот период во 2020 година, покажува анализата на Дирекцијата на ТИРЗ.
Согласно податоците во анализата, само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени над 1.600 граѓани. Според првичните податоци просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ надмина 60.000 денари, што двојно повисоко од 2016 година.
Извозот од ТИРЗ во ноември е близу 3,5 милијарди евра и бележи раст во однос на истиот период од минатата година. Компаниите во ТИРЗ од почетокот на годинава заклучно со ноември оствариле увоз од над 2,8 милијарди евра што е за 2 отсто повисоко споредено со истиот период лани. Поради ваквите економски движења, нето извозот заклучно со ноември е во позитива и изнесува 20 отсто што е двојно повеќе споредено со истиот период лани.
Од Дирекцијата очекуваат трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што во ТИРЗ од почетокот на годинава се постигнати договори во вредност од 450 милиони евра каде веќе се реализираат дел од планираните 7.500 нови работни места.