„NMK“ е ознаката што ќе стои на регистарските таблички и налепниците на возилата. Министерството за внатрешни работи ја заврши постапката за набавка и склучи договор со домашната „Квантум“ ДООЕЛ од Скопје, која настапува со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“ – производител на табличките и налепниците. Договорот за набавката е тригодишен, а во тој период МВР треба да плати 2,29 милиони евра.
Единечната цена на пар таблички е 540 денари плус 97,2 денари ДДВ. Или, вкупно 637,2 денари. Налепниците, зависно од големината се од 29,5 до 41 дена. Како што е наведено во рамковната спогодба со „Квантум“, налепниците со димензии 99×42 милиметри и со 63х37 милиметри чинат 35,4 денари; оние со 85х40 милиметри – 41,3 денари; а најмалите 48×18 милиметри се и најевтини – 29,5 денари. Овие цени се предвидени за две налепници.
Која цена ќе важи за сопствениците на возилата, се уште не е познато, тоа треба да го каже МВР. Затоа, пак, се знае дека оваа обврска за промена на регистарските таблички мора да се реализира до 12 февруари идната година, кога досегашното „МК“, согласно Преспанскиот договор, ќе стане историја.
Инаку, испораката треба да почне во јануари, а договорот ќе се реализира етапно, односно според потребите на Министерството. Табличките имаат и седумгодишна гаранција. Според рамковната спогодба, треба да се произведат повеќе од 300 илади таблички, од кои 240 илјади за класичните моторни возила.
„Квантум дооел“, кој на тендерот во 2021 ги победи „Раде Кончар“ и „Бојта Инг“, е друштво за сообраќаен, внатрешен и надворешен промет. Во Централниот регистар фирмата е запишана во 1990 година. Сопственост е на Алија Реџиќ. Од податоците до кои може да се дојде со пребарување, почнувајќи од 2009, низ годините фирмата добила неколку десетици тендери, меѓу кои од МЖ – Инфраструктура, МЖ – Транспорт“, ЕВН…
Досега, со договори склучени за периоди од 2013 до 2016, од 2016 до 2019 и од 2019 до 2020 година, табличките ги произведуваше „Раде Кончар“. Највисокиот износ меѓу договорите е 1,2 милиони евра. Во 2021 година изгуби од „Квантум“, поради „во целост неисполнети услови за учество во тендерот“.