Министерството за образование и наука (МОН) го објави повикот за остварување на финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/2-24 година.
Станува збор за финансиска поддршка која студентите ќе ја добиваат како ваучер за меѓуградски превоз, а се однесува за оние студенти кои ги исполнуваат следниве услови: да се македонски државјани, да имаат статус на редовни студенти, да се запишани на државните универзитети и да живеат надвор од местото на студирање.
Финансиската поддршка е во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирање, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, почнувајќи од декември 2023 година.
За добивање на финансиската поддршка, студентите што ги исполнуваат условите треба да се пријават електронски преку порталот „е-услуги“.
Притоа, кандидатите треба да ги пополнат податоците во Пријавата за стекнување на финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање, како и Изјавата за давање на согласност за обработка на личните податоци.
Потребно е да ги прикачат и следните докази: Потврда за редовен студент на државен универзитет, Уверение за државјанство, Лична карта или друг документ за идентификација, Трансакциска сметка и Доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање.
Рокот за пријавување е до недела, 24 декември.
Средствата ќе се исплаќаат како паричен износ на трансакциските сметки на студентите.
За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиска поддршка на претходните повици, Министерството за образование и наука, секој месец ќе објавува повик, најдоцна до петтиот ден во месецот. Секој од повиците ќе трае седум дена од денот на објавувањето.
Министерството за образование и наука, по извршената проверка на податоците и доказите во рок од пет работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиска поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка, во самата апликација на „е-услуги“.
За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за финансиска поддршка на студенти, Министерството за образование и наука обезбедува поддршка, преку Секторот за високо образование и тоа на следниот контакт: studenskiprevoz@mon.gov.mk.