Македонија се гуши во отпад, посебно во кабаст отпад кој граѓаните не сакаат или не се во можност да го одложат на депонии наменети за таков вид на ѓубре. Дел од нив се неинформирани, дел од нив го исфрлаат ѓубрето од своите домови веднаш откако комуналните претпријатија ќе исчистат.
„Која храброст ја имал нашиот сограѓанин, па преку ноќ на место каде стои табла со ,, забрането одлагање на отпад”, ја исфрлил целата покуќнина. И ова не е на периферијата на градот, не е на некоја дива депонија, ова е скоро во центарот на градот, на 10 сетина метри од оградата на ОУ,, Кире Гаврилоски-Јане“ објави ЈКП Комуналец Прилеп за една случка неодамна во центарот на градот.
Случајот е пријавен од страна на јавното претпријатие во инспекторатот на општината, но тешко дека казна за поединец ќе ја подигне свеста кај сите граѓани.
Во Скопје пак, освен граѓаните, несовесни се и приватнитре превозници кои го собираат градежниот шут и заработуваат врз неинформираноста на граѓаните.
Граѓаните во општина Гази Баба ангажираат приватни превозници за собирање на градежниот шут кои речиси никогаш не го носат отпадот во легална депонија туку го исфрлаат каде ќе им текне. За овие услуги некои граѓани плаќаат и по 4.000 денари не знаејќи притоа дека нивниот отпад не е е одложен во депонијата Вардариште, објавија екоактивистите од скопската општина.
Жител на општината се јавил на оглас за да му го соберат кабастиот отпад после реновирање. Отпадот завршил две улици подолу.
Отпадот граѓаните можат и самите да го достават до претоварната станица на КХС во Вардариште со што би биле сигурни дека нема да заврши пред некоја зграда или ограда на куќа, но дел од жителите не сакаат да преземат иницијатива и одговорноста ја префрлаат на општината и инспекторатите иако се свесни дека казна од 50 евра нема да ги одврати превозниците.
Но, граѓаните не знаат дека општините имаат услуга за носење на кабаст отпад која варира од 800 до 1500 денари во зависност од комуналното претпријатие и дека може овој отпад да заврши на наменска депонија во општината.
Нередот во неконтролирано фрлање на отпад и создавање диви депонии на секој агол може да се намали со воведување на комунална полиција која ќе ги казнува граѓаните по истиот принцип како што се казнуваа пушачите кои фрлаа отпушоци на улица, идеја која неодамна ја соопшти министерката за животна средина, Каја Шукова.
Идејата, според министерката за животна средина е, комуналната полиција да може на лице место да изрекува казна исто како што сообраќаен полицаец да изрече казна за сообраќаен прекршок на лице место. Шукова смета дека не е проблемот дали државата и локалните власти ќе интервенираат и ќе чистат, туку и да остане чисто и понатака. Особено тоа важи за местата како националните паркови, за каде е воспоставена пракса да се чистат депониите, но повторно се формираат.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во земјата во 2022 година изнесува 605.638 тони, додека вкупното количество на создаден комунален отпад изнесува 856.766 тони.