Мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат дека Куманово има почист воздух во однос на другите големи градови во државата. Во овој град функционира бесплатен јавен превоз.
На мапата, градот е обоен во зелена или жолта боја, што укажува на ниско или средно загаден воздух. За споредба, оваа зима Струмица на мапата често е во виолетова боја, односно има многу високо загаден воздух. Но, дискутабилно е дали моделот со бесплатен јавен превоз може да помогне за почист воздух во повеќе општини, дали локалните самоуправи би можеле да си дозволат таква мерка. Од О2 Иницијатива велат дека во однос на Куманово, за да се заклучи дали намаленото загадување во одреден дел на денот се должи на бесплатниот јавен превоз, потребна е детална анализа, како споредување на временските услови, температура, магла, температурна инверзија, брзина на ветер и правец, влажност, врнежи на дожд, снег и слично.
„Потоа да се види дали некои објекти кои се загревале претходно на мазут, нафта, јаглен, дрва, го промениле начинот на загревање (знаеме дека општата болница во Куманово од оваа година се грее на гас), дали некоја индустрија не работи повеќе, дали се поставени филтри и слично. Особено во близина на мерната станица. Во зимските месеци, кога загадувањето на воздухот е најголемо, главниот извор на загадување не е сообраќајот, туку начинот на греење (мазут, нафта, јаглен, дрва). Воведување на бесплатен јавен превоз нема да го даде посакуваниот ефект, а ќе предизвика големо пренасочување на финансиите за таа цел, кои е подобро да се искористат за намалување на изворите на емисии на загадувачки супстанции во воздухот. Ефектот од бесплатниот јавен превоз нема да се постигне не само поради тоа што не е главен извор на загадувањето на воздухот, туку и поради тоа што тие кои користат возила, во најголема мера продолжуваат да ги користат, зошто најчесто јавниот превоз кај нас значи долго чекање, гужви во автобусите и долго патување. Воведување на ефикасен, брз и еколошки јавен превоз кој ќе ги задоволи капацитетите на градот е неопходно за да се намали користењето на автомобили, а со тоа и загадувањето“, вели Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Од Општина Куманово велат дека ефекти има и дека се движат во позитивна насока во однос на квалитетот на воздухот. Оттаму додаваат дека се вклучени во проект со УНДП, Министерството за животна средина, финансиран од шведската амбасада кој се вика „справување со загадување на воздух“.
„Вклучени се пет општини во проектот. На основа на научни сознанија и мерења што ќе ги направи лабораторија Амбикон од Универзитетот „Гоце Делчев“, според стандарди на СЗО, се прават мерења во тек на една година и врз основа на тие научни сознанија ќе се направи мониторинг и ќе се предложат мерки“, вели Александра Георгиевска Протиќ, советник во одделение за заштита на животна средина и природа при Општина Куманово.
На граѓански форум, граѓаните ќе изберат предложени мерки на основа на научни сознанија. Општина Куманово годинава има финансирано 90 домаќинства да се приклучат на гасификациона мрежа. И натаму ќе продолжат со истото.
Скопје деновиве беше во 10-та најзагадени градови во светот на листата на air visual. Од Град Скопје кажаа дека се крева паника и дека Скопје не е најзагаден град во Македонија, а не пак во светот.