Чевларските претпријатија во земјава се соочуваат со недостиг на работна сила.
Само во Куманово, кое се смета за најчевларски град во Македонија, според бројот на претпријатија што работат во оваа дејност, има ангажирано 500 работници, но има потреба од нов и квалификуван кадар за индустријата во која речиси секогаш има слободни работни места.
Ова беше истакнато во Куманово, на одбележувањето на Денот на чевларите, кои денеска го славеа Свети Спиридон, заштитник на занаетчиите.
– Последниве години, секторот се справува со последиците од долгорочното влијание, прво на пандемијата, потоа и на енергетската криза, што резултираше со намален број вработени, кои се иселуваат од државата, преминуваат во други сектори, како и поради затворањето на малите фирми – беше потенцирано на средбата на кумановските чевлари.
Според податоците на сопствениците на погоните, во оваа индустрија во градот работат 15-20 мали и средни претпријатија. Најголем дел од нив произведуваат полуготов производ, додека дел од нив нудат готови производи за домашниот и за странскиот пазар. Дел од нив се сместени во погоните на поранешната фабрика „Чик“, од каде што излезе висококвалификуван кадар, кој им го пренесува знаењето за изработка на квалитетни кожени чевли на помладите работници.
– Она што можеме секогаш да го понудиме е квалитетен производ, кој конкурира на производите од западноевропските држави – изјави Среќко Стоилковски, сопственик на компанија.
И годинава, на одбележувањето на празникот беше избран нов кум – Ивица Додиќ, кој, заедно со стариот кум – Игор Кузмановски, им посака успех и здравје на вработените во секторот.
– Ова е убав ден за нас, прославуваме, но и можност да се дружиме, да размениме мислења, идеи – рече претседателката на Здружението на чевлари, Лидија Милановска.