Министерот за образование и наука, на прес конференција истакна дека со нова одлука на Министерството за образование и наука, која следува по барање на Сојузот на средношколци, учебната 2023/2024 година за средношколците ќе заврши на 10 јуни наместо на 17 јуни како што беше претходно предвидено со календарот за организација на наставата.
За основците, како што вели, останува одредбата да учат до 17 јуни.
Тие ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024 односно една недела.
МОН ќе треба дополнително да донесе одлука и како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај, и дали тоа ќе влијае на рокот за завршување на учебната година.
Министерот порача дека кога ќе има одлука на Владата, јавноста ќе биде известена, а додаде и дека ќе се разгледа во Влада и прашањето за неработните денови заради изборите.
„Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени во календарот на вкупен број денови годишно за реализација на наставата. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа“, рече Шаќири.
Учениците во основните и средните училишта се уште два дена на распуст и на настава ќе се вратат в понеделник, 22 јануари, за второто полугодие од учебната 2023/2024 година.