Платата на административците ќе биде дефинирана од нивното образование, позицијата на која работат, но и од нивниот стаж.
Со новиот закон за административни службеници, кој веќе е доставен во Собрание, е предвидено дека платата на вработените во јавна администрација ќе биде составена од основна плата и исклучителна компонента. Во основна плата влегуваат бодувањата зависно од образованието, потоа дел за нивото и дел за стаж.
Очекувано лицата со завршено високо образование ќе имаат подобро бодување, додека пак лицата кои имаат помало образование помалку бодови и помали плати.
Разликата меѓу помалку и повеќе образованите е голема. Па така лицата кои завршиле само средно образование ќе добиваат само по еден бод, додека оние кои завршиле вишо образование ќе имаат 11 бодови.
Што се однесува пак до лицата со високо образование, оние со 180 кредити според ЕКТС ќе добиваат 35 бодови, додека со 240 кредити според истиот систем најмногу или поточно 61 бод.
Приказ на бодување од Законот за административни службеници
Уште поголем уддел во нивните плати ќе има позицијата која ја работат, при што најмногу бодови има за државен секретар кој добива дури 1.147 бодови, додека генерален секретар 990 бодови, секретарот на Град Скопје има 943 бодови, секретар на општина со седиште во град добива 871 бод, а оној во село 771 бод. Деталите за сите позции дефинирани со законот може да ги видите на веб страната на Собранието.
- Вредноста на бодот за пресметување на основната плата на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на предлог на министерот за финансии, која се донесува во рок од 10 дена од денот на донесувањето на Буџетот, а во рамките на предвидениот буџет и врз основа на вкупниот број на административни службеници распоредени по соодветните нивоа за тековната година.
Вредноста на бодот за пресметување на основната плата на државните службеници во општините, градот Скопје и општините во градот Скопје се утврдува секоја година со одлука на советот која, на предлог на градоначалникот, се донесува во рок од 10 дена од денот на донесувањето на одлуката за извршување на буџетот – се појаснува во Законот.
Исто така со ова законско решение се дефинираат додатоците за службениците особено за оние кои треба да се постојано достапни за своите претпоставени. Па така во законот пишува дека „Кабинетскиот службеник заради специфичните должности и работни задачи и поради постојана достапност на функционерот во чиј кабинет работи, има право на додаток на плата за работа во кабинет, во висина од 10 до 30 проценти од износот на основната плата“.
- На сите државни службеници вработени во министерствата и секретаријатите на Владата им се исплаќа додаток на плата во висина од 15 отсто од износот на основната плата, поради специфичните надлежности на министерствата и секретаријатите во однос на креирањето на политиките и вршењето на нормативната дејност во националното законодавство и при усогласувањето со правото на Европската унија – пишува во законот.
Утврдено е дека ќе следува додаток и за успешност во работата за службениците, како што е побрзо завршување на обврските, достапност за претпоставените, подготовка на стратешки документи...
Законот утврдува дека при суспензија на службеник, тој ќе добива 60 проценти од платата, додека пак, при штрајк 80 проценти од платата.
Со законот се дефинираат и начините на престанок на работниот однос. Имено ако некој службеник се докаже дека ја загубил работната способност, или пак ако му престане државјанството, но и ако лицето е осудено на затворска казна од шест месеци за кривично дело од службена дејност, недоаѓање на работа пет дена... ќе ја изгуби својата работна позиција во администрација.
Имено, со овој закон, кој е систематизиран во 16 глави и 99 член, се дефинираат и основните поими, меѓу кои и административни работи, административен службеник, опфатот на законот и поимникот што се користи во смисла на овој закон. Се утврдува и статусот на Агенција за администрација, надлежностите, раководењето, Комисијата за одлучување по жалби и приговори на административни службеници во втор степен и постапката за жалба.
Се дефинира и постапката за вработување на административни службеници, објавување на јавен оглас, пријавата за вработување, постапката за селекција за вработување, фазите во постапката за селекција... Се нагласува и системот за управување со учинокот, оценување на учинокот на административниот службеник, годишната оцена на административниот службеник, постапката за оценување, донесување на решението за оценување, мерките за слаб учинок и извештајот за оценувањето.