МВР на Србија попладнево нареди вонреден преглед на терминалот за поаѓање на белградскиот аеродром Никола Тесла. До ова дојде откако претходно бил направен пропуст во следењето на редовните текови на влезните патници од страна на надлежните служби на белградскиот аеродром.
На дел од патниците им било кажано дека ќе мора да ја напуштат зградата и уште еднаш да поминат низ безбедносната контрола што веќе ја поминале, а тоа пак било причина за паника дека може да предизвика доцнење на летот и застој во воздушниот сообраќај на белградскиот аеродром.
Проблемот во безбедносната контрола на аеродромот настанал, наводно, кога патниците кои долетале од Македонија по слетувањето влегле во автобус, кој по грешка ги однел на погрешна локација за излез.
Поради настанатиот проблен се очекува некои летови во утринскиот бран да доцнат и до два часа.
Надлежните служби на Ер Србија во соработка со службите на компанијата белградски аеродром преземаат сѐ што е во нивна моќ сообраќајот да се одвива со што помалку отстапувања од планираниот распоред на летови.
Од националната компанија посочуваат дека жалат за секоја непријатност и им се заблагодаруваат на патниците за разбирањето.