Имаат ли граѓаните култура како да се однесуваат кон отпадот? Ова е прашањето кое се поставува, по глетката на која наиде камерата на Канал 5 во скопски Карпош.
Преполни контејнери – нервозни граѓани. Ваква е сликата деновиве на повеќе делови во главниот град. Некои од контејнерите се преполни со отпад, па граѓаните нема каде да го исфрлат своето ѓубре.
Тие се жалат дека контејнерите не се чистат редовно, но признаваат дека и свеста кај луѓето е на ниско ниво. Апелираат, сите поединци во нашето општество да работат на одржување на животната средина.
Запрашани за ваквата ситуација, од Комунална хигиена ни истакнаа дека нивните екипи системски ги решаваат проблемите за почисто Скопје. Оттаму порачаа – граѓаните да не го одложуваат отпадот до контејнерите.
Токму за расчистување на отпадот изминатите два дена имаше и обвинувања на релација Општина Аеродром и Град Скопје. Од општината ги обвинија градските власти за негрижа околу собирање на ѓубрето во општината, Комунална хигиена пак ги демантираше обвинувањата, а од таму тврдат дека контејнерите кои се под нивна надлежност редовно се чистат.