Работничките протести во Германија утре ќе се прошират на некои важни аеродроми, вклучувајќи го и најпрометниот во Франкфурт, откако синдикатот Верди повика на штрајк на персоналот за обезбедување на аеродромите за да се зголеми притисокот врз германската влада за време на преговорите за платите.
„Безбедносните контролни пунктови надвор од транзитната зона ќе бидат затворени и затоа патниците нема да можат да се качуваат на летовите од Франкфурт“, се вели во соопштението на операторот на аеродромот во Франкфурт, Фрапорт.
Сите патници кои сакаа да летаат од аеродромот во Франкфурт утре ќе мора да ги променат своите планови, пренесува Ројтерс.
Портпаролот на аеродромот Берлин-Бранденбург изјави дека сите летови кои полетуваат утре се откажани, но дека состојбата на аеродромот во Берлин ќе се нормализира во петок.
Аеродромот во Хамбург соопшти дека ќе преземе слични мерки.
„Сите 126 летови кои полетуваат во четврток ќе бидат откажани или ќе се реализираат без патници“, соопштија од аеродромот во Хамбург, додавајќи дека утре треба да се очекуваат одложувања и откажувања на дојдовните летови.