Покрај личните причини и причината на вина, како основани причини поради кои работодавачот може да го откаже договорот за вработување се и деловните причини (технолошки, економски, организациони и слични промени). Според член 96 од Законот за работни односи, работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини, поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди:
- вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка
- стручно оспособување
- нов договор за вработување
Според законот, во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:
- до 5 години поминати во работен однос – во висина од една нето плата
- од 5 до 10 години поминати во работен однос – во висина од две и пол нето плати
- од 10 до 15 години поминати во работен однос – во висина од три и пол нето плати
- од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири и пол нето плати
- од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од шест нето плати
- над 25 години поминати во работен однос – во висина од седум нето плати
Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.
Основицата за пресметка на испратнината е просечната плата на работникот во последните 6 месеци пред отказот, но истата да не биде помала од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во земјата во последниот месец пред отказот.