Сообраќајната полиција опреми две возила со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење, а од овој месец МВР почна со инсталирање на камери со кои ќе се ловат возачите кои ќе прават сообраќајни прекршоци.
Новите сообраќајни камери ќе бидат поставени во Скопје, Куманово и Тетово, како и на автопатите, а во главниот град ќе се постават во рамките на проектот „Безбеден град “.
Реализацијата е во тек, велат за 4news.mk од МВР, набавката е класифицирана и повеќе информации за тоа ќе бидат соопштени кога ќе заврши постапката.
„Нашата држава е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, и по примерот на европските земји работи на воведување поточно надградба на овој систем за зголемување на јавната и сообраќајната безбедност. Станува збор за систем којшто ќе придонесе за лична сигурност на граѓаните, зголемена безбедност и остварување на граѓанските права“, објаснуваат од МВР.
Камерите се уште не се во функција, ниту пак МВР открива на кои локации ќе бидат монтирани. Во постапка е и уредувањето на начинот на испраќање на доказниот материјал до оној кој го сторил прекршокот.
„Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град”, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект јавноста соодветно ќе биде известена.
Во постапка е уредувањето на начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал до сторителот на прекршокот“, велат од МВР.
Доколку сторителот на ја плати глобата во определениот законски рок, ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд или прекршочен орган.
За сторени сообраќајни прекршоци ќе се применат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. („Службен весник на РМ“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18 и 191/18), и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РСМ“ бр. 98/19 и 302/20).
За разлика од овој систем кој ќе биде фиксен, мобилниот систем на казнување кој досега е инсталиран во две возила, се очекува да биде поефикасен.
Системот PolCam е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Интегрираните уреди се од полската компанија PolCam кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци.
Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.