На сите барем еднаш ни се случило мобилниот телефон да ни се намокри. Во тие случаи паниката е поголема од разумното размислување, бидејќи прво нешто што ни паѓа на ум е дека ќе треба да се купува нов мобилен. Но, не секогаш тоа е така. Доколку доволно брзо дејствувате можеби ќе можете да го спасите телефонот. Треба само да следите неколку едноставни чекори и да се надевате на најдоброто.
Првиот логичен чекор е да го извадите телефонот што е можно побрзо од водата. Местото кај микрофонот, портот за полнењето и слични мали отвори можат за неколку секунди да се наполнат со вода и тоа да доведе до трајни оштетувања. Откако ќе го извадите телефонот од вода веднаш исклучете го. Во спротивно може да предизвикате краток спој.
Откако ќе го отстраните телефонот од вода, ставете го на хартија или мека крпа. Извадете го капакот на батеријата и самата батерија. Запомнете дека ова е најважниот чекор. Со вадењето на батеријата се зголемуваат шансите за "преживување" на телефонот.
За да дознаете дали телефонот е навистина оштетен проверете го аголот во близина на батеријата. Треба да има бел круг или квадрат, со или без црвени линии. Доколку овој дел е розов или црвен, вашиот телефон претпрпел оштетувања од водата.
Отстранете ја вашата SIM-картичка. За многу луѓе зачувувањето на контактите е поважно отколку спаувањето на самиот телефон. Со отстранетата батерија, SIM и SD картичка погрижете се да продолжите со сушењето. Во овие ситуации дури и една капка вода може да го уништи телефонот.
Доколку сакате да се осигурате дека сте ја собрале цела течност од внатрешноста на телефонот, обидете се со користење на правосмукалка. Држете ја правосмукалката во погодените области најмногу до 20-тина минути. Држете одредена оддалеченост како би се избегнал статички електрицитет кој може да направи поголема штета отколку самата вода. Никако немојте да користите фен. Фенот може дополнително да го оштети уредот бидејќи на тој начин ќе ја буткате водата подлабоко во телефонот.
Ставете го телефонот на сонце. Сонцето ќе помогне да се исушат и оние најмали места до кои не сте можеле да стигнете. Откако ќе почекате минимум 24 часа, проверете дали секоја област од вашиот телефон е сува. Вметнете ја батеријата во телефонот и приклучете го на полнач. Набљудувајте дали телефонот правилно функционира и дали испушта чудни звуци при полнењето.
Со среќа!