Новинар на редакцијата на „Фактор“ утринава претставувајќи се како обичен граѓанин, се јави во амбасадите на Србија, Косово и Црна Гора и Албанија, но и на граничните премини на дел од овие земји, за да провериме дали од денес македонските граѓани ќе можат да патуваат со старите лични карти на кои стои старото име Република Македонија.
Во српската амбасада не упатија директно на граничниот премин „Прешево“. Кога се јавивме таму, службеникот ни одговори дека ако не пуштаат на македонска граница, ќе не примат да влеземе, велат од Фактор.
Македонските граѓани можат да патуваат и во Косово. Од косовската амбасада ни одговорија дека немаат никакви рестрикции по тоа прашање.
Албанија и Црна Гора рекоа дека чекаат да добијат инструкции за тоа како да постапуваат.
Како што е познато во јавноста, од денес престануваат да важат пасошите на кои стои старото име Република Македонија и во странство може да се патува само со пасош со новото име Република Северна Македонија.
Со земјите со кои имаме билатерални договори за патување само со лични карти, не беше дефинирано дали граѓаните ќе можат да патуваат, односно, од МВР истакнаа дека тие нема да прават проблеми, но не дадоа гаранција дали граѓаните ќе можат да влезат во тие држави.
Важноста на возачките дозволи на вчерашната седница на собранието беше продолжена до крајот на годината, а личните карти продолжуваат да важат во земјава.