Освен економската и здравствената криза, Македонија длабоко навлегува и во уште една криза, а тоа е недостигот на мајстори.
Електричарите и водоводџиите се едни од најбараните, но и најретките мајстори во земјава. За да најдете добар електричар или водоводџија ви се потребни дебели врски, нерви и време, а дури и кога ќе го најдете – прашање е дали финансиски ќе ви се исплати да го ангажирате.
Сашо Стаменков, 48-годишен скопјанец, се жали дека повикал мајстор за да му го исчисти бојлерот, а освен тоа што за термин чекал скоро цел месец, на крајот платил 3.000 денари за услугата.
„Тоа е апсурдно, за една таква ситна работа да плаќаш толку многу пари и да чекаш толку долго. Ама што да се прави, немав друг избор. Имам проблем со очите и во скоро време се оперирав, инаку сам ќе си го исчистев бојлерот. Мајсторите се ретки како бели мечки“, вели Стаменков.
Во слична ситуација се наоѓа и младиот Виктор Веселинов од Ѓорче Петров.
„Јас сум во безизлезна ситуација. Изградив нов спрат на мојата куќа, но не можам да го користам затоа што немам струја. Веќе со месеци се обидувам да најдам добар електричар кој ќе ми ја поврзе, но сите се зафатени или бараат премногу пари. Добрите мајстори се заминати во Германија, а тие што се останати овде имаат премногу работа. Не знам што да правам – вели Веселинов.
Според статистиките, во Македонија има околу 10.000 регистрирани мајстори, од кои само 2.000 се електричари и водоводџии. Оваа бројка е далеку под оптималната за една земја со 2 милиони жители и над 600.000 домаќинства.
Причините за оваа ситуација се многубројни: ниска цена на работна рака, недостаток на образование и сертификација, конкуренција од странски мајстори, немање интерес од младите генерации и т.н.
Експертите предупредуваат дека оваа криза може да има сериозни последици за квалитетот на живот на граѓаните, како и за економскиот развој на земјата.