Како мал сакал да биде пилот, додека студирал сакал да стане банкар, а денес вели дека кариерата му се одвивала како по книга, од основна до највисоки позиции за да конечно се одлучи да почне нешто сам. Ова е интервју со Теодор Тодоровски основач и генерален директор на Првата Македонска п2п Финтек платформа за инвестирање.
Теодор Тодоровски, по образование е дипломиран економист, роден е во Битола каде завршил основно и средно образование, а студирал економија како стипендист на Државниот Економски факултет во Грција, отсек меѓународна трговија.
Сонувал да стане пилот но висините ги достигнал на еден подруг начин
- Како дете, ќе звучи како клише можеби, но најголема желба ми беше да бидам пилот.
Ги сакав авионите, и тогаш и денес. Пилот не станав, но сум човек кој едвај чека да избере дестинација и да лета. За патување…се разбира.
Така што, тој сон тогаш, денес од аспект на патувач е исполнет. Ако јас се прашувам.
Економијата ми беше љубов на која се посветив, а додека студирав сонував да бидам банкар. И ја реализирав веднаш по завршување на моите студии. Таа професија потоа ми отвори многу други можности.
За многумина првото вработување значи почнување со малку и на пониска позиција но за Тодоровски тоа не било така
- По завршување на моите студии итав кон остварување на мојот сон. Така и сѐ започна, за моја среќа.
Моето прво професионално искуство го започнав во Националната Банка на Грција, во нивното седиште во Солун…сега веќе можам да кажам во далечната 2007 година и поминав навистина доста интересна година. Таа година и тоа искуство ми беа отскочна даска да добијам понуда и да преминам во Стопанска Банка АД Скопје во 2008 година.
Првата плата потрошена во еден викенд...
- Мојата прва плата во Грција знам дека ја добив во четврток. Хахаха…Исто така знам, дека ги поканив моите другари да дојдат на викенд во Солун да ги почастам, така што ја потрошив првата плата во еден викенд.
Како станал банкар и колку тешко било качувањето на скалилата?
- Мојата кариера започна и се одвиваше некако како по книга за кариерен развој. Од основна позиција, па сѐ до раководни функции. И знам дека секоја позиција ја добив со многу работа и мерливи резултати. Имав среќа да сретнам во животот вистински ментори, кои несебично го инвестираа своето време и знаење во мене, на кои и ден денес им сум бескрајно благодарен. Од нив научив како да се движам низ животните ситуации, да се соочам со искушенија кои секој ги има кои носат и висини и падови, а да останам на нозе стабилно и да не ја изгубам храброста.
Имав прилика да бидам дел од лидерите на промени во банкарскиот сектор, во главното седиште на банката во Скопје, за потоа да ѝ се вратам на Битола каде што го достигнав и врвот на мојот кариерен развој во таа институција.
Која беше твојата највисока позиција, колку време се задржа таму?
Мене ми беа две позиции многу драги и ги работев со голем предизвик.
Тоа се Советник во дирекција, што е хиерарсиски второ ниво по позиција Директор и се разбира Раководител на продажба во Филијала Битола. Секторот продажба е нешто што го работев до последен ден додека бев во банката, а по резултати континуирано ги имав првите 3 позиции во продажба на ниво на цела банка во државата.
Што беше најдоброто, а што најпредизвикувачкото како одговорност на таа позиција?
Најдобро?
Па веројатно најдоброто е што имаш шанса да си на најдобрата позиција во најдобрата банка во тој момент. Имаш еден куп ресурси кои ти го олеснуваат патот кон успехот, ако си свесен на можностите. Едноставно е најпредизвикувачки тоа што имаш сѐ што ти треба, а од друга страна си доволно зрел да знаеш дека успехот зависи од тебе, посветено работиш и си потврдуваш колку навистина умееш во тоа што го сакаш да го работиш. Дефинираш уште еднаш дали си го направил вистинскиот избор што е твоја животна желба и пасија.
Од оваа дистанца гледам како на мудри лични одлуки, за сега веќе да одам на ниво кое е предизвик на новото време, но никако таа фаза од минатото не би ја заборавил.
Кога и зошто ја донесе одлуката да си заминеш?
- Секој човек кој е самоаналитичен, знае дека доаѓаат моменти кога прави пресек кога и како треба да прави пресвртници и во кариерата и во животот, ако сака да оди level up. Инаку, невозможна е еволуција. Јас не сум од оние кои се чувствуваат сигурно за век во една зона на комфор. Иако, сум имал шанса и заради семејството и заради позициите така да останам, до крај на кариерата. Пред да се одлучам на промена, чуствував дека се имам капацитет да застанам на позиција во која можам да дадам нов придонес за банката за која имав изразено чуството на припадност, таа ми беше како второ семејство, мојот втор дом. Желбата ја имав, амбицијата беше цврста, но... не се случи.
И знаев во себеси дека доколку не ја добијам таа шанса во банката, ќе најдам шанса да излезам од тој систем, ќе најдам нов предизвик, нешто што ќе е ново на пазарот и ќе започнам од нула. Имам искуство, имам амбиција, знам дека времето брзо го менува овој сектор глобално….
Иако сам ја донел одлуката за заминување, сепак самиот тој бил најмногу рaзочаран...
- 15 години не е мал период, тука созреав кариерно, но исто така знаев дека е доста, дека мора да свртам нов лист во мојот живот. За мојата одлука, разговарав само со две личности и така сакав да остане сѐ до отварање на мојата компанија. Тие двајца луѓе од мојот живот и денес се моите најголеми поддржувачи, тоа е мојот животен сопатник, а другата личност е мојот најблизок соработник и другар на кој му должам многу.
Имаше ли чувство дека си направил грешка?
-Искрено, немав време да размислувам и да гледам позади мене што сум направил и дали сум направил грешка. Бев целосно фокусиран на новиот проект. Знаете како е кога ќе создавате нешто ново во што верувате, нешто што ја менува играта…бескрајно верував во идејата и знаев дека имам шанса да бидеме први на овој финансискиот пазар, да имплементираме иновација што целосно ќе ја раздрма инвестиционата култура кај нас.
Што е моменталната твоја функција и каков е бизнисот што го работиш?
- Јас сум основач и генерален директор на Првата Македонска п2п Финтек платформа за инвестирање П2П.МК (P2P.MK) основана со македонски капитал.
Дефиниција за P2P позајмување (eng. Peer to peer lending) може да се дефинира како директно финансирање помеѓу поединци без никакво посредување на финансиски институции (банки, факторинг друштва и сл.) Посредник е самата платформа или веб сајт која директно ги поврзува примателите на заем со инвеститорите.
Да напоменам на многу луѓе овој концепт за инвестирање им е нов и непознат, па токму затоа сметаат дека е прерано да се зборува за неговата успешност. Вистината е дека модерното P2P позајмување има зад себе 18-годишна историја. Започна во 2005 година со „Zopa“ во Велика Британија, продолжи со „Prosper“ и „LendingClub“ во САД, а моментално се инвестираат и позајмуваат милијарди, преку стотици платформи низ целиот свет, меѓу кои е и македонската P2P.MK. Проекцијата за 2024 година е дека светскиот P2P пазар ќе вреди повеќе од 44 милијарди долари.
Бројни инвеститори, кои веќе имаат солидно искуство во оваа сфера, се уверени дека инвестирањето во P2P платформите е потранспаретно и посигурно во споредба со редица други форми на инвестирање (акции, осигурување, обврзници и сл.). Важно е да се спомене дека P2P инвестирањето Ви овозможува да генерирате заработка од повеќе од 10% годишно, а тоа е мошне охрабрувачки во актуелната ера на многу ниски заработки.
Дополнителна доверба и сигурност влева и податокот што сериозните платформи, како што е P2P.MK, давa посакувана заштита. Во случај, се јавуваат финансиски друштва кои даваат поголема безбедност кај инвеститорите предлагајќи „buyback guarantee”. Оваа гаранција ја прави македонската платформа особено сигурен и стабилен модел за инвестирање.
Апсолутно не е потребно да имате специфични познавања од технологијата, ниту пак да сте инвеститор со долга историја за да станете дел од P2P заедницата. Процесот за инвестирање на P2P.MK е навистина едноставен. Сосема доволно е да имате пристап до интернет и најосновни дигитални вештини за да се адаптирате лесно и брзо.
P2P.MK не поставува висока граница за влез во инвестицискиот свет. Впрочем, можете да започнете со само 3.000 мкд.
Има ли во земјава свесност за овој бизнис и како вие работите на препознавањето на овој бренд?
- Верувајте, убаво е да сте прв на пазарот.
Но, со тоа да си прв доаѓа и неверојатна одговорност, а и потреба од несебична едукација на сите заинтересирани страни. Првата година бевме понесени од предизвикот што значи да си нов на овој пазар и како да се избориш таа твоја идеја, тој бизнис модел, да го презентираш достојно како што му прилега на еден светски тренд. И така бевме неуморни како караван, одејќи од град во град, од врата до врата до секој потенцијален инвеститор во кој ние гледавме партнер, а и наш промотор.
Нашиот денешен план за развој и акција оди пред планираниот рок, бидејќи нашата едукација вроди со плод и за молскавично брзо време изградивме претпознатлив бренд, столбот на доверба е се поцврст, клиентите веќе го разпознаваат како опција, како сигурна алтернатива за инвестирање и заработка.
Скопје или Битола - дали има разлика во брзината на развој на бизнисот
- Дефинитивно Скопје е непресушна акумулација на можности за напредок на секој бизнис, па и нашето седиште е во срцето на Скопје, скопското Дебар Маало.
Но, поради мојот нераскинлив дел со Битола, не треба да објаснувам колку на еден битолчанец му значи Битола, имам канцеларија и во родната Битола.
И не е само тој локал патриотизам.
Да не заборавиме, Битола моментално е сериозен проактивен играч и промотор во Финтек индустријата во поширокиот регион, со компании од каде што влечам само позитивни искуства и успеси на сите полиња на финансискиот пазар. Во Битола се одржа и првиот хакатон за стартапи во Финтек индустријата, на кој додаде дома неверојатни млади луѓе со идеи од Грција и Бугарија и сериозни инвеститори од Балканот. Така што, Битола е навистина еден одличен полигон кој го менува пејзажот на финансиите, по светски стандарди. И се разбира, покрај двете физички локации, достапни сме и онлајн и имаме контакт центар за грижа на клиенти кој ни дозволува полесно да стигнеме до секој наш клиент насекаде во земјата.
Каков е планот за развој на П2П во иднина?
- Среќен сум што можам да кажам дека П2П се развива согласно нашите проекции, дури и временски пред нашите планови. Софтверот специјално направен за оваа намена секојдневно се надградува и усовршува.
Во 2023 година завршивме одлична работа на терен. Бројките се доказ дека имавме успешна работа во делот на обезбедување на база на нови клиенти и рекордни бројки во делот за инвестициите на клиентите.
P2P.MK ја става Македонија на мапата на трансформација на светскиот финансиски пазар и за прв пат тука објавувам дека од 2024 година П2П е во фаза на аквизиција на две други платформи, а тоа значи излез на европскиот пазар, се шириме на бугарскиот и германскиот п2п пазар.
Порака до сите кои се мислат дали да си заминат од одредена позиција а сакаат да почнат нешто свое?
- Верувам дека комфорната зона навидум е идеално место за работење и делување, но животот е краток, а потенцијалот што секој од нас го поседува е огромен. Го охрабрувам секој оној кој да сака да учи и да се развива, но и да дозволи тој негов труд и иницијатива да биде негова лична сатисфакција за одење напред во животот. Ако на едно место си бил успешен, на следниот предизвик ќе бидеш уште поуспешен, поисполнет, посреќен. Тоа не е филозофија, тоа е факт. Треба да се искористи секој наш потенцијал за создавање убави и корисни работи за општеството, нешто за што ќе бидиме препознаени и запаметени кога ќе се прегледуваат мемоарите на најуспешните.