Идеја која ќе им се допадне на многумина.
Живееме во општество без сон. Не можеме да го промениме нашиот 24-часовен биоритам. Не можеме едноставно да научиме да стануваме во одредено време. Нашето тело живее во хармонија со сонцето, недостатокот на сон е мачење, а тоа го прават и во болниците. Општеството треба да го усогласи почетокот на работата и училиштето со природниот човечки часовник, бидејќи вака се јавуваат здравствени и психолошки проблеми кај работниците, учениците и студентите, објаснува д-р Пол Кели, научник од Универзитетот во Оксфорд.
„Присилувањето работници помлади од 55 години да доаѓаат на работа пред десет часот е контрапродуктивно. Работниците се уморни, имунитетот им е послаб и повеќе се склони кон болести и се под поголем стрес. Ова води до послаба меморија и недостаток на внимание, а може да заврши со алкохолизам или употреба на дрога“, додаде тој.
„Нивните тела се исцрпени поради недостаток на сон, а тоа многу влијае на продуктивноста. По 55-та година на луѓето им треба помалку сон, но дотогаш треба да почнат со работа во десет часот за да бидат полни со енергија и продуктивност. Работниот ден треба да започне подоцна за учениците и студентите. „Постарите деца не треба да одат на училиште пред 11 часот“, забележува тој.
Истражувањата покажуваат дека просечниот десетгодишен ученик не може добро да се концентрира на часовите пред 8:30 часот, а 16-годишните средношколци не можат добро да се концентрираат пред 10 часот. За студентите најдобро време за настава и учење е после 11 часот. Тогаш би научиле подобро и би имало помалку проблеми во нивното однесување бидејќи би биле поодморени.