Во последно време, увозот на автомобили од странство станува „солен“ предизвик за македонските граѓани. Цените на царината на возилата се многу високи, што ги прави неисплатливи за многумина.
Токму поради ова, расте и цената на веќе увезените автомобили кои се продаваат на автоплацевите ширум Македонија.
Вангел Илиев од Скопје раскажува дека сакал да увезе Пежо 308 од Германија, но се соочил со изненадувачка ситуација.
Само за царина, посочува тој, му било кажано да плати околу 130.000 денари.
„Бев подготвен за некои дополнителни трошоци, но ова беше надвор од очекувањата. Не можев да си дозволам таков износ. Автомобилот поседувал многу опрема и затоа царината била скапа. Замислете, дури ми потенцираа дека автомобилот имал вградено катализатор, а тоа дополнително ја кревало цената на царината. Која е логиката? Катализаторот е вграден во возилото за да нема загадување на воздухот и логично би било тоа да се смета за предност и да ми кажат дека ќе платам помалку за царина, а не повеќе”, раскажува Илиев.
Слична ситуација имал и Димитар од Кочани, кој купил автомобил од Бугарија. За да го царини и да го префрли на македонски таблици, морал да плати 200.000 денари.
„Се чувствував како да купувам автомобил двапати – еднаш во Бугарија и потоа повторно истиот во Македонија. Царината е многу висока и веќе не се исплати да се увезува автомобил од странство”, изјави нашиот соговорник.
Најновите информации од автоплацевите велат дека цените на возилата во Германија се исти, но царината е значително поскапена.
Синиша Трајков, сопственик на автоплац во Скопје, признава дека цените на автомобилите се нереални и превисоки за македонски стандард, но мора да бидат такви поради висината на царината што ја плаќаат увозниците за секое возило посебно.
„Клиентите се изненадени кога ги информираме за високите цени на царината. Возилата се иста цена како и претходно, но царината ги зголемува трошоците. Не е лесно да ги продаваме автомобилите со такви услови“, објаснува Трајков.
Царинските власти се соочуваат со предизвик да ги балансираат потребите на граѓаните со фискалните интереси на земјата. Дали ќе се најде решение за оваа дилема, останува да се види.