Пишувањето на препораки во Македонија се’ уште не претставува редовна практика, но за среќа поголемиот дел од работобарателите знаат што е препорака, и дека по правило, таа е напишана од страна на работодавачот. Па, како некого да замолите за препорака?
Кога од некого барате препорака, многу е важен начинот на кој ќе го направите тоа. Најпрво, мора да бидете сигурни дека личноста од која барате препорака има волја да ве препорача. Тоа е од особена важност бидејќи препораката во некои случаеви може да биде пресудна и да одреди дали ќе ја добиете работата или не.
На кој начин да побарате препорака?
Да претпоставиме дека лицето од кое сакате да бидете препорачани ќе се согласи да ви напише препорака. Како да побарате да го направи тоа?
Препорака може да побарате во живо, телефонски или по пат на електронска пошта. Електронската пошта може да биде добар избор ако се работи за личност што не ја познавате толку добро и со која не сте работеле директно. На овој начин, и покрај тоа што личноста нема силна желба да ви даде препорака, таа може да покаже добра волја и да ја делегира оваа обврска на некој од подредените па на крај да добиете препорака со нејзин потпис.
Кога барате препорака во живо, немојте само да кажете “Може ли да ми дадете препорака?“. Наместо тоа, поставете го следното прашање “Според вашето мислење – дали сте доволно запознаени со мојот начин на работење и моите компетенции за да ми дадете препорака?“.
Ако личноста која сте ја замолиле да ви даде препорака се согласи на тоа, испратете и копија од своето CV кое може да го генерирате на нашиот портал со креирање на профил и на тој начин да му овозможите на авторот на препораката да ја збогати истата со дополнителни инфромации кои ќе ви одат во прилог на следното работно место.
Пример за барање за препорака
Почитуван господине Марков,
Ви се обраќам, бидејќи ме интересира дали постои можност да ми напишете препорака?
Доколку сте во можност да ги потврдите квалификациите и вешитините кои ги покажав работејќи за вас би ви бил многу благодарен.
Во моментов барам работаи сметам дека Вашата препорака значително ќе ми ги зголеми шансите за вработување и натамошен професионален развој.
Ако сметате дека Ви требаат други дополнителни информации кои ќе ви помогнат да ја составите препораката, Ве замолувам да ме контактирате преку телефон или електронска пошта.
Однапред ви благодарам.
Срдечен поздрав,
Петар Петров.
Колку препораки ви се потребни?
Секој работобарател во просек би требало да побара/има три препораки. Ако сте останале во добри односи со претходниот работодавач не е доцна да го контактирате накнадно и да го замолите за препорака. Никогаш не знаете кога ќе ви затреба.