Трет месец по ред расте бројот на невработени граѓани во земјава, регистрирани од Агенцијата за вработување, каде што се пријавуваат барателите на работа.
Имено, Агенцијата за вработување ги објави и бројките за февруари, кои говорат дека тоа е веќе трети месец во кој не запира трендот на зголемување на бројот на невработени во земјава.
Па така, по подолг период на континуирано намалување на бројот на невработени во земјава, декември минатата година беше првиот месец во кој таа бројка се зголеми, и тоа значително, за околу три илјади лица.
Како што е познато, претходно долг период наназад и бројката и стапката на невработени се намалуваше, а голем број од македонските компании и работодавачи панично нагласуваа дека им недостигаат работници, поради што се иницираше и увоз на работна сила од странство, на пример од Филипините и од други држави од каде што таа можеше да се обезбеди.
Тогаш го поставивме прашањето дали станува збор за привремено и моментално изместување на пазарот или за некој тренд кој би можел да продолжи и во иднина.
Само за илустрација, декември минатата година земјава го заврши со 105.452 лица кои се пријавиле како баратели на работа.
Во јануари годинава имаме нов пораст на таа бројка, и тоа 105.803 невработени, што значи дека во јануари има нови 351 лице кои чекаат на листата на Агенцијата за да најдат работа. Тоа исто така не е драматичен пораст, но веќе е втор месец во кој невработеноста оди по нагорна линија.
А, за состојбата на пазарот на трудот да се смета како уште понепријатна, во февруари продолжува трендот на зголемување на бројот на невработени, па тој се искачил на 106.618 лица, што значи дека веќе во вториот месец од годинава имаме нови 815 невработени.
Или, за само два месеци нови 1.166 невработени, кои додадени на оние 2.708 во декември, веќе чинат бројка од 3.874 лица, или близу 4.000 за три месеци.
А, она што не е тајна е дека секој пораст на невработените лица, за нив создава понеповолни услови кај работодавачите, бидејќи се зголемува понудата на работна сила.
Останува да се види што ќе им донесе на невработените март, за кој месец сеуште не се објавени податоци од Агенцијата за вработување.
Надежта е во новината која стартуваше во март, а која е поврзана со отворен Балкан, и која секако дека е на страната на работничката класа од трите земји, а со која граѓаните од земјава, Србија и Албанија добија слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји, откако се потпишаа Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан.
Оваа мерка, како што е познато, стартуваше на 5 март, и со неа, за да добијат дозволи за работа и престој, граѓаните на Србија, Македонија и Албанија повеќе не мора да губат време одејќи во институциите, како што се МВР и Канцеларијата за вработување, туку целиот процес се одвива електронски, а на крајот се добива потврда врз основа на која може да се бара работа.