Во Србија, во последните неколку години, многу популарна е подготовката на децата пред да тргнат во прво одделение во основно училиште.
Според родителите, од децата се очекува веќе да знаат да читаат едноставни реченици, да пишуваат букви и бројки и да цртаат едноставни геометриски форми. Иако сето тоа децата треба да го научат кога ќе седнат на училиште, многу родители сакаат нивните деца да учат порано, за да имаат веќе одредена основа за понатамошна работа во прво одделение.
Во Србија има неколку такви приватни училишта, а некои нудат дури и онлајн подготовка. На родителите им се нудат различни курсеви, а цената е генерално секаде слична, околу 6.000 динари месечно.
Како што пренесува Телеграф.рс, а по сознанијата добиени од едно такво училиште какви што има во Белград, но и во Панчево, родителите се многу заинтересирани. Кај нив една група веќе почнала да работи, а места за нови ученици има само од летото.
Оттаму велат дека подготовките траат до 1 септември, а децата учат да пишуваат, бројат, читаат, препознаваат форми и развиваат просторни вештини.
- Сега веќе имаме една група која присуствува на подготовките во Панчево. Сепак, на лето треба да почнеме со нова група, а пријавувањето е можно на неколку локации во Белград. Родителите се многу заинтересирани и сега веќе се зема здраво за готово дека детето знае да чита и пишува кога ќе започне прво одделение. Се разбира, родителите сакаат нивното дете да се издвојува од останатите, а заинтересирани се да се запише во ова училиште, уште кога детето ќе тргне во предучилишна, вели еден од педагозите кои работат во приватно подготвително училиште во Панчево.
Како што вели, практика е групата да има од две до пет деца, но постои и опција за индивидуални подготовки. Во ова училиште цената е фиксна и изнесува 6.000 динари месечно. Но, родителот е должен да ја купи целата литература што децата ја изучуваат при подготовката.
- Обично правиме еден час, час неделно, а ако има поголеми групи, тогаш тоа се два часа неделно, а цената е фиксна, месечно 6.000 динари, додава таа.
Напоменува и дека децата кои ги започнуваат подготовките главно продолжуваат во приватното училишта истовремено со основното, каде што го изучуваат материјалот според планот и програмата на државните училишта.
- Децата кои почнуваат да се подготвуваат за училиште, генерално ја продолжуваат работата во нашето приватно училиште заедно со основното училиште и работиме на материјалот што се работи и на часовите, го обновуваме и учиме, објаснува соговорничката.
Онлајн курсеви за деца од предучилишна возраст
Покрај традиционалното посетување на настава, во Србија е развиен и трендот на онлајн курсеви за родители. Имено, постои можност за купување курс преку интернет со снимени 7 лекции што ги одржува педагогот. Родителите секој час треба да го поминат со своите деца, а на крајот добиваат и задачи кои можат да ги решат со децата дома.
Планот и програмата се слични на оние на приватните училишта. Се учат бројки, букви, правилен изговор на зборови, но и геометриски форми, а цената на курсот е 50 евра.
Како најголема предност, „продавачите“ на овие курсеви наведуваат дека родителот може да избере, во согласност со своето и слободното време на детето, кога и колку брзо ќе помине лекцијата.
Секоја лекција се фокусира на една област, нудејќи им на децата и родителите искуство за учење преку игра. Освен математика, српски и геометрија, авторите на ваквите курсеви наведуваат дека преку нивните часови детето ќе научи и како да се дружи, концентрира и да ја развива имагинацијата.
Дали вакви курсеви има кај нас не е познато, но со оглед на тоа дека трендовите брзо се шират не е исклучена можноста набрзо со вакви подготовки да се почне и на домашен терен.