Со попуштањето на студот и со заминувањето на зимата, така попушти и цената на пелетите, нудејќи им можност на потрошувачите да заштедат на ова популарно средство за греење.
Во последниот извештај се наведува дека цената на пелетите во февруари значително опаднала во споредба со јануари, достигнувајќи цени меѓу 13.000 и 17.000 денари по тон.
Производството на пелети во Македонија е во пораст, благодарение на зголемената побарувачка на домашниот и странскиот пазар.
Производителите инвестираат во нови капацитети и технологии за да ги задоволат растечките потреби, а како што дознава Denar од прва рака, првите овогодишни намалувања на цените започнаа уште во јануари.
Кога се споредуваат пелетите и јагленот како опции за греење, треба да се земат предвид неколку фактори.
Пелетите се сметаат за поекономични во споредба со јагленот, кој обично има осцилации во цената. Освен тоа, преминот кон еколошко гориво е во пораст, бидејќи се смета за значително почисто и одржливо.
„Потенцијалните купувачи треба да ги следат тековните трендови за да донесат најдобра одлука за нивните потреби за греење. Дрвото за греење исто така нуди конкурентни цени во споредба со пелетите, со цени околу 70 евра за кубик. Иако дрвото има нешто повисока емисија на штетни материи во споредба со пелетите, сепак се смета за еколошки прифатлив избор во споредба со јагленот“, коментира трговец со пелети од Тетово.
Тој вели дека сегашните актуелни цени се доволно ниски за да ги стимулираат потрошувачите уште сега да си го обезбедат огревот за следната зима.
„Се очекува цената на пелетите да биде повисока во втората половина од годината и пред почетокот на следната грејна сезона. Мора да признаеме дека за разлика од истиот период лани, годинава има многу поголема побарувачка на пелети. Граѓаните се научија да си купуваат поголеми количини“, вели соговорникот на Denar.