Купувањето половен автомобил може да претставува предизвик, но со неколку совети од искусни автомеханичари и познавачи на автомобилската индустрија, можете да направите паметен избор.
Во продолжение, ќе ви ги презентираме некои важни аспекти кои треба да ги разгледате при купување на половен автомобил.
Буџет и дилер: Прво, одредете колку пари сте подготвени да инвестирате. Постојат различни начини за плаќање, како кеш, кредит или лизинг.
Внимавајте на непредвидените трошоци, како поправки, регистрација и слично. Купувањето од проверени дилери е препорачливо, бидејќи тие обезбедуваат квалитетни возила со проверена сервисна историја.
Потреби и намена: Размислете за која цел ви е автомобилот. Дали ви треба мал градски автомобил за кратки релации или, пак, поголемо возило за патување на подолги релации?
Одлучете се за класата на автомобил што најдобро одговара на вашите потреби.
Контрола на возилото: Пред да го купите, детално разгледајте го автомобилот. Проверете дали има корозија, гребнатини, историја на сервисирање, состојба на системите и други основни работи.
Секако, контролата од страна на професионален механичар е препорачлива.
Дизел или бензинец: Размислете колку километри годишно планирате да возите. Дизелашите имаат поевтини поправки, но бензинците се подобри за кратки релации.
На оваа тема Denar разговараше и со искусен автомеханичар од Автокоманда, кој многу подобро објаснува и советува како да го изберете најдоброто возило за вашите потреби.
„При купувањето половен автомобил, прво и најважно, размислете за која намена ви е тоа возило. Дали ви треба за градско возење или за подолги релации? Проверете дали автомобилот има редовни сервисирања и дали се одржувал правилно. Гледајте дали има документација за сервисирање. Погледнете колку километри има поминато автомобилот. Мала километража не е гаранција за добра состојба, но внимавајте на премногу висока километража. Внимавајте на корозија, нееднаквости на бојата, заварувања на каросеријата и други оштетувања. Погледнете под автомобилот за скриени дефекти. Обавезно направете тест возење. Проверете како се однесува на патот, како работи моторот, менувачот и системите. Проверете дали ги има сите потребни документи, како регистрација, технички преглед и осигурување. Запомнете, важно е да бидете информирани и да се консултирате со професионален механичар пред да го купите автомобилот“, објаснува соговорникот.