Во првиот квартал од оваа година
Континуираниот раст на цената на недвижностите полека се стабилизира. Иако забавено и во првиот квартал од оваа година има раст на цената на станбениот простор. Индексот на цените на становите, што денеска го објави Народната банка, покажуваат дека во првиот квартал од годинава овие недвижности биле поскапи за 4,7 насто, но бележат пад од 0,8 проценти во однос на претходниот квартал. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Во претходниот квартал (октомври – декември 2023) цените на становите во Скопје беа зголемени за 7 проценти во однос на истиот период од 2022 година, а за еден процент споредено со третиот квартал. Споредбено, пак, со првиот квартал лани, цените на становите се зголемија за 18,8% на годишно ниво, односно од 1,3% , во второто тримесечје од 1,6%, односно од 12,9%, а во третиот квартал од 2,9%, односно од 11% на годишно ниво.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јануари годинава биле издадени 256 одобренија за градење, што е за 34,4% помалку во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 4,5 милијарди денари што е за 41,6% помалку во однос на истиот месец лани.
Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во периодот октомври – декември 2023 година се запишани 2.504 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 512.333.563 евра и 2,8 милијарди денари. Во Центарот за катастар на недвижности Скопје биле запишани 1.143 хипотеки, а вредноста на недвижностите е 205,9 милиони евра и 1.164.349.758 денари. Во останатите 29 одделенија за Катастар на недвижности во државава, пак, имало 1.361 хипотека со вредност од 306.368.625 евра и 1.607.455.926 денари.