Ќе остане ли некој летово да работи во Македонија?
Скопје се празни, летово ќе нема кој да работи, сите ќе заминат на сезонска работа во странство.
На листата на земји се Србија, Албанија, Хрватска, Германија… За Србија и Албанија веќе не се потребни работни визи, а за Хрватска лесно се добива работна виза со оглед на големата потреба од работници, особено во летниот период. Од агенциите за посредување при вработување велат дека голем дел и од вработените земаат неплатен одмор и одат на сезонска работа во странсто.
Причината е повеќе од јасна, со оглед на малите плати во државата да се заработи нешто дополнително.
-Освен невработени, на сезонска работа заминуваат и вработени, кои земаат еден месец платен и по два-три месеци неплатен одмор за да заработат нешто дополнително.
Најчесто одат во Хрватска, Србија, Албанија и Германија каде што платите се повисоки од нашите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Зоран Кочовски, директор на Агенцијата за вработување во странство „Коузон“.
Македонија од иницијативата „Отворен Балкан“ очекува дека ќе се најдат сезонци за повеќе сектори, како на пример во земјоделството за берба на овошје и зеленчук, односно работници кои си ја знаат работата. Претходните години работници од Албанија доаѓаа во Преспа за берба на јаболка, но сега и таму се појавува недостиг, затоа што тамошните работници одат во Италија, Швајцарија, Австрија, Грција. Се очекува на берзата на работна сила да се најдат лица над 50 години кои не можат да го следат темпото на работа во европските земји.
И во туристичкиот сектор се надеваат дека ќе најдат соодветни работници, бидејќи сега кај нас има работници од Индија, Непал и Филипини, но јазичната бариера со овие работници е проблем.