Цените на становите во Еврозоната паднаа за 1,1% на годишно ниво во четвртиот квартал од 2023 година.
Наспроти тоа, цените на становите во Европската Унија во истиот период се зголемија за 0,2% на годишно ниво.
Цените на становите пораснаа во 18 земји-членки на ЕУ, паднаа во 8 земји на ЕУ, додека само податоците за Грција сè уште не се достапни.
Највисок годишен раст на цените е забележан во Полска, Бугарија и во Хрватска, додека најголем пад во Луксембург, Германија и во Финска.
Во Македонија, конкретно во Скопје, цените на становите во првиот квартал годинава пораснаа за 4,7% на годишно ниво, со пад од 0,8% во однос на претходниот квартал.
Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Експертите имаат различни прогнози, но многумина од нив се согласуваат дека во иднина може да се очекува благ пад на цените на становите, особено ако се стабилизираат цените на градежните материјали и доколку се „испеглаат“ ефектите од пандемијата врз понудата на станови.
„Важно е да се следат трендовите и да се применат соодветни мерки за зачувување на финансиската стабилност. Падот на цените на становите може да има значајно влијание врз економијата. Кога цените на становите паѓаат, луѓето можат да се одлучат да купуваат станови, што може да ја стимулира потрошувачката. Од друга страна, падот на цените на становите може да влијае на инвестициите во недвижности. Градежните компании можат да се воздржат од нови проекти, што може да има последици врз работните места и економската активност. Ако падот на цените на становите е премногу голем и брз, тоа може да предизвика финансиска нестабилност. Луѓето кои веќе имаат хипотекарни кредити може да се соочат со проблеми со вредноста на нивните имоти. И банките можат да се соочат со ризици ако цените на становите нагло почнат да паѓаат. Хипотекарните кредити може да станат ризични, а банките може да имаат проблеми со невраќање на кредитите“, појаснуваат економистите.
Во моментов, според некои веб-страници за недвижности, просечната цена за метар квадратен на нов стан во Скопје се движи од 1.000 до 1.800 евра, во зависност од локацијата.
Ова значи дека за стан од 60 квадратни метри, потребно е да се плати од 60.000 до 100.000 евра, што за многумина оваа сума е недостижна дури и со подигнување станбен кредит.