Страшните шумски пожари кои минатата година се случуваа во Грција, ги принудија многу туристи предвреме да го завршат својот одмор. Но, ова лето Грција се одлучи да им се оддолжи на 25.000 лица и да им понуди бесплатен одмор како компензација за присилниот прекин на одморот на островот Родос минатата година, поради големиот број пожари на тој дел од земјата.
Се смета дека грчката влада е прва која се одлучила за таква компензација. Грчките власти известиле дека секој оној кој бил евакуиран од хотел на островот, и чиј одмор беше прекинат поради пожарите, има право на ваучер од околу 500 евра кои ќе ги покрие трошоците за одмор од една недела на островот. Туристите имаат право да уживаат во еден од одбраните хотели на Родос во периодот до 31 мај, или од 1 октомври до 15 ноември. Тоа значи дека нема да може да го изберат јуни, јули, август и септември.
Според официјалните лица, досега 5.000 туристи се одлучиле да ја прифатат понудата на грчката влада, а се очекува бројката да расте. Речиси 4,5 милиони Британци лани ја посетија Грција, а 10.000 од нив беа евакуирани од Родос. Вкупната бројка на евакуирани беше 25.000 лица.
Понудата, сепак, има ограничувања. Оние кои престојувале во приватно сместување, или нашле сместување на интернет платформи како „Букинг“ или „Ербнб“, немаат право на компензација, а туристите кои ќе добијат ваучер од 500 евра, сами си го финансираат патот до Родос, односно истиот важи само за хотелското сместување. Корисниците може да бидат само возрасни лица, деца немаат право да ги користат овие поволности.