Граѓаните кои планираат да го поминат својот летен одмор на Јадранско Море, особено во Хрватска, треба да бидат подготвени дека ги чека едно непријатно изненадување.
Покрај стандардните трошоци за сместување, патување и за храна, сега се појавува и нова ставка која значително го зголемува вкупниот буџет за одмор – таксата за чистење на апартманот по неговото напуштање.
Додека многумина се подготвени да платат за удобноста и угодноста на приватното сместување, она што ги изненадува е висината на таксата за чистење која се наплаќа по завршувањето на нивниот престој.
Оваа такса, која традиционално низ годините беше симболична, сега достигнува цени кои можат значително да влијаат на вкупниот трошок за одмор.
Во Ровињ, на пример, таксата за чистење на апартманост изнесува 35 евра.
„Не очекував дека таксата за чистење ќе биде толку висока. Сметав дека тоа е само мала дополнителна цена, но сега видов дека морам да издвојам уште еден значителен износ на пари” изјави еден разочаран турист.
Сопствениците на апартманите велат дека зголемувањето на таксата е резултат на порастот на цените на чистењето и одржувањето, како и потребата да се задржи висок стандард на хигиена и удобност за гостите.
Сепак, оваа промена доаѓа како гром од ведро небо за многу туристи кои веќе имаат ограничен буџет.
Експертите советуваат дека е многу важно да се читаат сите услови пред резервација и да се бараат детални информации за сите можни дополнителни трошоци.
„Туристите треба да ги имаат на ум сите овие дополнителни издатоци за да избегнат непријатни изненадувања и да си обезбедат пријатен и безгрижен одмор“, коментираат туристичките работници.
Таксата за чистење не е ограничена само на приватните сместувања како што се оние на AirBnb, каде што традиционално изнесуваше околу 10 до 15 евра.
Сепак, со текот на времето, оваа такса се зголеми и стана значителен трошок за туристите.
Хотелите исто така можат да имаат такса за чистење, особено ако нудат опции за краткорочно сместување.
Важно е да се напомене дека висината на таксата за чистење може да варира во зависност од местото на сместувањето и нивото на услугата што се нуди.