Во период кога инфлацијата непрекинато расте, одењето на кафе во омилените кафулиња станува сè повеќе луксуз за просечниот граѓанин.
Со цени кои достигнуваат до 150 денари за едно макијато и 200 денари за пиво, многумина се прашуваат дали уживањето во малите задоволства станува привилегија.
Во разговор за оваа тема со Денар, сопственикот на едно популарно кафуле во Карпош, кој побара анонимност, изјави:
„Инфлацијата и зголемувањето на цените на сировините, како и трошоците за работна сила, неизбежно влијаат на цените во нашата индустрија. Со текот на времето, можеме да очекуваме дополнителен раст на цените, што ќе биде предизвик и за нас и за нашите клиенти”, рече тој.
Оваа ситуација не е само статистика, туку има реално влијание на секојдневниот живот на граѓаните.
Еден скопјанец го сподели свое искуство:
„Неодамна, заедно со моето семејство, седнавме на кафе во едно кафуле во Центар и бевме шокирани кога сметката за неколку кафиња и неколку сокчиња изнесуваше околу 1.000 денари. Се чувствуваме како да плаќаме премиум за обичен социјален момент”, ни раскажа Владимир Божиновски од Ѓорче Петров.
Дали уживањето во едноставните радости како што е пиењето кафе со пријателите ќе стане реткост? И како ќе се прилагодат граѓаните и бизнисите на овие промени?
Одговорите на овие прашања ќе бидат клучни за разбирањето на социјалните и економските трендови во иднина.
Експертите сметаат дека инфлацијата е еден од клучните економски показатели кој влијае на промената на цените во една економија.
Инаку, угостителските услуги во март во споредба со февруари годинава се зголемени за 0,2 отсто, а во однос на март лани за 6 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.
Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите храна за 0,3 отсто и алкохолни пијалаци за 0,1 отсто.
Кумулативно, цените на угостителските услуги за периодот јануари – март 2024 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 6,2 отсто.