Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за одбрана објави повик за учество на пет средношколци од Република Северна Македонија на летен воен камп за млади кој ќе се одржува од 24 јуни до 8 јули 2024 во Црна Гора заедно со средношколци од таа земја. Огласот е наменет за средношколци од трета и четврта година.
- Целта на проектот е средношколците да ги тестираат своите вештини како војници, преку активности и дружење развиваат чувство за солидарност и пријателство, се стекнат со знаења за улогата и значењето на Армијата во општеството и на тој начин се зајакне интересот за воената професија, соопшти МОН за огласот кој го објави вчера и ќе трае пет дена од денот на објавувањето.
Програмата предвидува секојдневна обука во разни воени и други вештини: медицинска обука, натпреварување во топографија и ориентација, ракување со оружје и гаѓање, обука за работа со средства за комуникација, кампување (исхрана и преживување во природа, обука на брзи води и сплаварење-рафтинг, извидничка обука и ориентација во ноќни услови) и обука во качување со јаже. Покрај тоа, за учесниците во кампот се подготвени бројни спортски-рекреативни и културно-забавни активности.
Кампот ќе биде организиран во единиците на Војската на Црна Гора во Даниловград, Колашин и Плевља. За времетраењето на Летниот воен камп за млади, припадници на Војската на Црна Гора ќе се грижат за безбедноста на учесниците во кампот. Со учениците од Република Северна Македонија ќе престојува и старешина од Армијата кој ќе биде задолжен за редот, дисциплината и реализација на предвидената програма.
- Учеството во кампот е бесплатно, Министерството за одбрана на Република Северна Македонија ќе обезбеди рефундација на трошоците за патничко осигурување на Летниот камп за млади и ги покрива трошоците за превоз, додека Министерството за одбрана на Црна Гора обезбедува сместување, исхрана и медицинска помош, информира МОН.
Во огласот објавен на веб-страницата на МОН се наведени условите што треба да ги исполнуваат кандидатите, документите што треба да ги поднесат и е објаснет начинот за пријавување на повикот.
Изборот на кандидати ќе го спроведува комисијата од Министерството за образование и наука.