Воздушниот простор над Париз ќе биде затворен шест часа како дел од големата безбедносна операција за време на церемонијата на отворање на Олимписките игри на 26 јули, соопштија денеска Министерството за внатрешни работи и главниот оператор на париските аеродроми.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин најави дека зоната на забранети летови ќе се протега во радиус од 150 километри околу Париз.
Претседателот на операторот кој ги поседува и управува со меѓународните аеродроми во Париз, „Аеропортс де Пари“ (Aeroports de Paris), Аугустин де Романет, изјави дека сите авиокомпании биле предупредени однапред за затворањето и им било кажано дека ќе мора да летаат околу ограничениот воздушен простор за времетраењето на свеченото отворање.
Најмалку еден француски воен авион АВАКС ќе го надгледува небото за време на Олимпијадата, користејќи го својот моќен радар за следење на потенцијалните закани од воздухот.