Во ледените пространства на Антарктикот се крие вулкан кој исфрла буквално парчиња злато. Откритието било објавено во 1991 година од страна на американски геолози.
Тогаш геолозите пронашле честички злато во вулканските гасови и во снегот во близина на вулканот, а „IFL Science“ наведува дека честички од благородниот метал се откриени и на 1000 километри оддалеченост.
Вулканот е сè уште активен и денес, а Филип Кајл од Институтот за рударство и технологија во Сокоро објаснил дека златните наслаги може да се појават во вулканските карпи, па кога лавата од планината емитира жешки гасови, тоа пренесува дел од честичките злато во воздухот.
Планината Еребус дневно исфрла злато во вредност од околу 6000 долари, пишува „AccuWeather“.
Бројни туристи ја посетуваат планината Еребус, која е исто така позната и по големата трагедија.
Имено, на 28-ми ноември 1979 година, авионот „Air New Zealand Flight 901“ удрил во едната страна на овој масив. Тој летал над островот Рос каде се наоѓа планината Еребус како дел од своите редовни антарктички панорамски летови кои се одржувале од 1977 година. Во несреќата загинале сите 237 патници и 20 членови на екипажот, а од тој ден „Air New Zealand“ ги прекина сите летови над Антарктикот.