Поради загадувањето на воздухот и надминување на прагот на информирање утврден на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови Министерството за животна средина и просторно планирање упатува препораки.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање се препорачува да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материја, како и правилно да се користат печките за дрва
Воедно Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачува ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација меѓу кои се децата, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градот.
Препораките се активираат врз основа на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели е надминат на мерните места Скопје – Бутел, Центар, Карпош и Ректорат, Кичево, Куманово, Миладиновци, Струмица, Битола 1, Тетово и Кавадарци.
Информацијата за надминување на прагот на информирање од Министерството за животна средина и просторно планирање е доставена до Институт за јавно здравје, Државниот инспекторат за животна средина, Град Скопје и единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот со надминување на прагот на информирање.
Последните мерења покажуваат концентрации од 237 микрограми во Центар, 189 во Карпош, 256 кај Ректорат, 232 во Миладиновци и 163 во Бутел.
Мерки за заштита од загадувањето се активираат согласно уредбата доколку среднодневните концентрации надминат 200 микрограми на две мерни станици во два последователни денови.
Утре, според најавите од УХМР, се очекуваа поволни временски услови, односно облачно и студено со засилен северен ветер.
kanal5.com.mk