Социјалните мрежи се идеални за наоѓање работници, а посебно лесно се наоѓаат работници на црно. Има голем број групи во кои нашите кои живеат во Германија нудат работа за чување деца или помош во домот, но никогаш досега не се случило јавно да кажат за колкава плата бараат работници.
Таквата ситуација секогаш ги револтира граѓаните кои се заинтересирани да аплицираат за работата, бидејќи, како што велат, секогаш платата е мала.
„Се нуди работа за чување двегодишно дете, услови нема, се бара жената да е од Македонија. И сега еве јас знам германски јазик, имам ЕУ документи, но и сум со педагошка факултетска диплома. Бидејќи морав да и пишам на жената што бараше работничка за да дознаам колкава плата се нуди, кога добив одговор се разочарав. Нуди плата од смешни 400 евра, со образложение дека јас немало да имам никакви трошоци, бидејќи и сместувањето и храната ми е од нив. Значи сакаат да заминеш во Германија да им чуваш дете, ама по македонски стандард. Значи нашите во странство не се водат по тамошниот просек за плаќање, туку по свои математики. Таа вели дека тие пари можеби нема да ги троши, но ќе ги прати дома на нејзините“ вели една жена која била заинтересирана да се пријави за работното место, која сакаше да остане анонимна.
Таа вели дека најчесто вака вработените работници немаат никакви права, малтретирани се, а често добиваат и други обврски „за тие пари“.
„Да не биде дека генерализирам, или дека зборувам само лошо, има и наши кои се прекрасни работодавци. На моја роднина која исто така замина да работи кај наши во Германија дури и помогнаа да остане во Германија и да си го повлече целото семејство. И плаќаа придонеси, и даваа убава плата, жената навистина имаше среќа. Но, има и такви кои душата ќе ти ја извадат за што е можно помалку пари, ќе те сместат во мала собичка и цел ден ќе те малтретираат за пари незамисливи за германски стандард“ вели соговорничката на Faktor.mk.
Македонките поради неможност овде да најдат работа ја бираат и оваа опција за да заработат. Оние кои ќе отидат во странство за да чуваат дете, имаат и домашни обврски кои мора да ги завршат. Некои од нив имаат убави искуства, но некои наишле на големи проблеми во семејствата.
Целиот текст можете да го прочитате на faktor.mk