По долги години, Македонија во 2023 година станала речиси независна од увозот на струја. Но дали ова ќе значи и намалување на сметките за струја?
„Ја правиме оваа анализа која ќе ни покаже дали има потреба и можност да воведеме уште еден час дополнителна евтина струја која што би се проширила од 15 до 16 часот со единствена цел да испратиме сигнал и до ЕВН ХОМЕ до универзалниот снабдувач и до ЕСМ, во тие периоди кога цената на електрична енергија е најевтина таа да се купува од берзи, со цел во тој период цената на струјата да биде во корист на граѓаните“, вели Марко Бислимовски.
За 300% е зголемено производството на струја од фотоволтаични панели, а увозот на струја е намален за 30%.
„Тоа пред се се должи на голем број изградени фотоволтаични електрани кои што помогнаа македонските компании сами си поставија фотоволтаици таму каде што имаат можност на своите кровови и тоа една од најголемите причини да го намалиме увозот на електрична енергија“, додава Марко Бислимовски.
Првиот регулатор ја поддржува идејата за ново министерство задолжено за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Апсолутно сметам дека во Македонија треба да има министерство кое ќе биде задолжено за енергетика. Токму во енергетската криза се виде колку е важна енергетиката за една држава“, порача Марко Бислимовски.
Бислимовски додава дека во следниот период се очекува во Македонија да дојдат голем број на инвестиции во енергетиката и затоа треба во следниот период токму на оваа гранка да се посвети поголемо внимание.