До крајот на неделата ќе бидеме под влијание на нестабилна и топла воздушна маса. Циклонот што е над Балканот секојдневно ќе го стимулира развојот на кумулонимбусни облаци кои можат да донесат врнежи, грмежи и локални непогоди.
Денеска времето во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, во западните и крајните источни делови ќе има услови за појава на локална нестабилност со пороен дожд и грмежи која наместа ќе биде изразена во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец. Минималната температура ќе се движи во интервал од 6 до 13 Целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 16 до 28 степени.
За Скопје слично време, сончево со мала до умерена облачност која се очекува да биде поголема во попладневните часови со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе изнесува 10, а максималната ќе се искачи до 27 Целзиусови степени.
До четврток, претежно во попладневните часови ќе има појава на повремен пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Постабилно време се очекува од петок, а за време на викендот температурите ќе бидат над просекот за овој период од годината.
Од понеделник очекуваме дополнителен пораст на температурата, а можни се и тропски денови.