Во недела (09.12.2018), започнува да функционира новото сообраќајно решение за потегот околу Карпош 4. Станува збор за новопоставената хоризонтална и вертикална сигнализација која ќе овозможи поголема безбедност и намалување на сообраќајниот метеж.
-Токму оттука, од Карпош 4 од овој викенд започнува нов режим на сообраќај, со цел побезбедно движење на граѓаните и превентивно да ги заштитиме граѓаните, првенствено младите, од сообраќајниот метеж околу Сити Мол и во овој дел на Карпош 4, изјави денес градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Според новиот режим на сообраќај, возилата кои се движат од ул. „Московска„“ и бул. „Партизански одреди“ во правец на „Љубљанска“, а сакаат да завртат лево за „Волгоградска“, сега ќе продолжуваат право и ќе можат да завртат лево на „Разловечко востание“.
Новиот сообраќаен режим овозможува побрз проток на сообраќајот пред ТЦ Скопје Сити мол, а значително ќе ја зголеми безбедноста на движење на возила и пешаци и внатрешно, во населбата (долж сервисните улици).
Сообраќајното решение е подготвено и одобрено од страна на повеќе надлежни институции и стручни субјекти: Општина Карпош, Градот Скопје, Министерството за внатрешни работи преку СВР Скопје и стручни лица – сообраќајни инжинери.
За побрза и полесна имплементација на новото сообраќајно решение, градоначалникот Богоев најави дека ќе има присутни лица од СВР Скопје и од Општина Карпош, кои ќе ги упатуваат возачите и граѓаните како треба да се движат.
-Ние како Општина остануваме на нашата заложба за побезбеден сообраќај и се надевам на уште поуспешна соработка во таа насока со СВР Скопје и со Министерството за внатрешни работи, а апелирам сите граѓани да ја почитуваат новата сообраќајна сигнализација, изјави Богоев.
извор: skopjeinfo.mk