Сертификати и можност за вработување на дванаесетмина завршени матуранти
Дрекслмајер Македонија склучи договори за вработување со дел од практикантите кои успешно ја реализираа практичната настава во рамки на дуалното стручно образование според германски стандарди и тие ќе бидат дел од високостручните тимови на компанијата во Кавадарци.
На сите практиканти им беа доделени и сертификати за успешно завршено дуално стручно образование според германски модел.
„Особено ни е драго затоа што младите луѓе препознаваат сериозни можности за професионален и личен раст и развој во рамки на Дрекслмајер. Како семејна компанија, размислуваме и за идните генерации, така што образованието на младите луѓе е особено важно за нас. Вложуваме многу во нашите практиканти, бидејќи нивните вештини и експертиза се основата за нашата иднина“, рече Лукас Мирингер, Генерален директор на Дрекслмајер Македонија на заедничкиот собир организиран од страна на компанијата на кој присуствуваа и дел од родителите на учениците, преставници од партнерските училишта како и претставници од менаџерскиот тим на Дрекслмајер.
Практичната настава се одвива во специјализираната училница на компанијата под менторство на тренери кои своето знаење и компетенции стекнати преку бројни обуки и тренинзи во странство на соодветен начин им го пренесуваат на идните техничари по индустриска мехатроника.
Практикантот Душко Леов вели дека склучувањето на договорот за вработување во Дрекслмајер значи вистинска можност да се движи по скалилата на професионалниот успех и да ги оствари своите кариерни цели. „Имам исклучително позитивен впечаток за целокупното функционирање на компанијата. Тимската работа е на високо ниво, постои позитивна работна атмосфера, а можностите за професионален напредок се големи. Дополнително, ме мотивира можноста за рзмена на знаења и искуства со колегите од останатите Дрекслмајер локации ширум светот“, објаснува тој.
Дел од учениците своите понатамошни знаења ќе ги прошируваат на некој од техничките факултети, но се среќни дека основните знаења имале можност да ги стекнат во Дрекслмајер. „За време на практичната настава имавме континурана поддршка од страна на тренерите и бевме директно вклучени во производствениот процес. Научивме многу и за корпративната култура во компанијата“, вели Павле Трајков.
Дрекслмајер Македонија е лидер во спроведувањето на моделот на дуално стручно образование според германски стандарди. Компанијата и понатаму продолжува да инвестира во образованието на младите луѓе создавајќи стручни кадри, соодветно обучени и подготвени да го дадат својот придонес за потребите на индустријата.