На македонскиот моден пазар во континуитет главниот збор го водат неколку големи компании кои се претставници на големи светски модни брендови. Според остварените приходи во големата тројка се увозниците на „Зара“, „Ваикики“ и „Фешн груп“
Кој не сака убава и брендирана облека? Модата никогаш нема да излезе од мода. Анализата на податоците за најголемите десет модни брендови во Македонија покажува дека нашите граѓани сакаат да купуваат убави и трендовски модни парчиња облека. А и бројките го потврдуваат тоа. Лани во десетте најголеми компании специјализирани за облека сме испазариле над 134 милиони евра. Во споредба со претходната 2022 година нивниот промет е поголем за безмалку 30 милиони евра. А тоа е зголемување од 27,5 отсто. Машала! Не штедиме пари за добра гардероба.
Најголем учесник на малопродажниот моден пазар лани била македонската филијала на глобалниот бренд „Зара“ или скопската компанија ИХТР Македонија. Нејзината продажба е нешто под психолошката граница од 50 милиони евра промет за една година. Кај таа компанија има силен раст на продажбата во споредба со претходната година. За нејзините продукти лани сме платиле 20 милиони евра повеќе од тоа што било купено во 2022 година. Оваа компанија лани оствари профит од 3 милиони евра што ја прави најпрофитабилна компанија од оваа дејност лани во Македонија.
Втор на листата најголеми продавачи на облека кај нас е турскиот моден гигант „ЛЦ Ваикики“. Неговата продажба достигна 38,4 милиони евра што е за 2 милиони евра подобар резултат во однос на претходната година.
ЦМ Делта е скопска компанија која обединува продажба на повеќе глобални брендови облека меѓу кои се : „Лакоста“, „Гант“, „Поло Ралф Лорен“, „Томи Хилфигер“, „Келвин Клајн“, ОБЦ Кидс“ и други. Лани ова друштво оствари приход на друштвото кој изнесувал 3,7 милиони евра.
Скопското друштво „Магнетик“ долги години е присутно на пазарот и оперира со бројни брендови од модната индустрија кои ги носи и продава на македонскиот пазар. Приходот на друштвото лани изнесува 6,5 милиони евра и неговата добивка е 85.000 евра.
Најголеми компании за брендирана облека според приходи во 2023 година
И компаниите на групацијата со префиксот „Фешн“ долги години се присутни и етаблирани на македонскиот пазар за облека. Лани три од нив се меѓу најголемите компании за продажба на облека, а „Еурофешн трејд“ е меѓу трите најголеми со приход што надмина 11 милиони евра. Заедно со другите две компании на листата „М.Г. Фешн“ и „Фешн Груп“ продажбата надмина 23 милиони евра.
На листата на десет најпопуларни продавачи на облека се уште македонската филијала на „Њу Јоркер“, „Том Тејлор“ и турскиот бредн „Котон“.
Најголеми компании за брендирана облека според профит во 2023 година