Доколку до четврток не им се исплати поголем дел од долгот, приватните превозници на крајот на оваа недела ќе стапат во штрајк.
Ова е епилогот по денешниот состанок на дел од приватните превозници со претставници на ЈСП. Превозниците велат дека на средбата им било ветено подмирување на обврските - во спротивно, тие нема да возат по скопските улици.
Иако пак дел од најавите беа дека ќе сообраќаат само утринава до 10 часот, сепак приватните превозници ги имаше на скопските улици.
-Граѓаните апелираат – проблемот со приваните превозници да се реши што поскоро. Тие велат дека не е воопшто хумано да се чека автобус долго време на вакви пеколни горештини
Корисниците на јавниот превоз со идентичен став – приватните автобуси се повеќе од потребни на улиците, и евентуален штрајк ќе им создаде сериозни проблеми во движењето низ градот во време на високи летни температури.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во телевизиско гостување потврди дека приватните автобуси возат со нормален сообраќаен ред. Таа кажа дека според нејзини информации, не станува збор за долг од 140 милиони денари.
Ова не е првпат да има проблем со приватните превозници, откако пред повеќе од една година тие го оставија главниот град без превоз.